Еве уште една приказна од Кратово по азбучен ред. Вулкани и вулкански бомби Пред 30-тина милиони години климата била слично на тропско-саванската клима во Африка. Во тој период, во геолошката историја познат како горен олигоцен, започнале силни тектонски движења, распукнувања и „растегнувања“ на земјината кора на овој дел од Балканот. Како последица, се појавила вулканска активност и тоа првин во областа помеѓу денешно Кратово, Злетово и долината на Злетовска Река низводно од Емирица. На почетокот биле активни само 3-4 вулкани, подоцна нивниот број се зголемил на преку 20. Вулкански бомби се природна реткост во Горно Кратово. Тие биле создадени во времето кога еруптивната магма избивала на површината. Од вжештената лава, со температура од 1000 степени исфрлената течна маса се разладувала за време на летот и од неа се создавале тела со совршена форма на топка. Се среќаваат со големина на јаболко, па се до пречник од 80 см, можат да достигнат тежина од 200 кг. Вулканските бомби како експонати можат да се видат и во Општинскиот центар за карпеста уметност во Кратово. Плоче литотелми, е природен локалитет во близина на с. Страцин. Се наоѓа на 780m надморска височина и е вулканогена зарамнина околу 1km. Поради доста хетерогениот минеролошки состав и влијанието на атмосферските фактори во хоризонталните карпести површини налик на „плочи“ се создадени стотина вдлабнатини (т.н. литотелми) со пречник од десетина сантиметри па до 2 метри и длабочина до 30-40cm. Вдлабнатините во карпата имаат најразлични форми, а за време на дождови се исполнети со вода во која има жив свет. Посебно е карактеристично вилинското ракче кое спаѓа во групата загрозени балкански ендемити. Овој локалитет е заштитен со закон и прогласен за строг природен резерват.